Skip to main content

Капитализам, схизофренија и казачок

Кон претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, режија Дејан Пројковски, во изведба на Драмски театар - Скопје. Премиера на 21. 4. 2026 година. Трае 120 минути, без пауза.

Делез и Гатари тврдеа дека капитализмот произведува схизофренија: ја ослободува желбата од старите калапи (вера, традиција, идентитет) и едновремено ја заробува уште поцврсто во нови (продуктивност, претприемништво, конзумеризам). Текстот „Мачкина глава“ на Венко Андоновски, праизведен по повод 80-годишниот јубилеј на Драмски театар – Скопје, во режија на Дејан Пројковски, е схизоанализа на денешното македонско (и, во поширока смисла, балканско) општество вклештено во социо-културниот премин, на крстосницата Исток-Запад. Како и во други дела на Андоновски, матрицата е позајмена: овојпат од „Диво месо“ на Горан Стефановски. Нуклеусното семејство се распаѓа, се судира новото со старото, едниот модел на власт се заменува со друг. Но, во суштина, едноумието трае, само се преобликува. Општеството станува базен за уловени и остругани рипки, подјармени со дигитални алатки од Мачкина Глава - митскиот лик на семоќната и невидлива власт. Таа кај Андоновски се проектира како културна хегемонија: Западот, олицетворен од странците (психијатарот Џорџ и воената репортерка Мериен), доаѓа не само за да завладее, туку за да го претвори локалното себство во безлична лудачка желбена машина. Кај Горан Стефановски, во „Диво месо“, Клаус со силата на Третиот Рајх доаѓа да ја купи куќата на семејството Андреевски за евтини пари, притоа хомоеротски нудејќи му на младиот Стефан „да го изгуби хименот“ за да се оттргне од заостанатоста на своето племе. Кај Дејан Дуковски, во „М.М.Е. кој прв почна“, Доктор Фалус во Витенберг го силува македонскиот студент за во него да „навлезе“ западното знаење. Кај Андоновски, пак, странците, божем наивно, доаѓаат облечени во бело за да снимаат документарец за локалната култура. Мериен ја сака македонската песна, Џорџ ужива во македонската храна и риболовот. Но, на крајот, преоблечени во црни костими, тие се отелотворуваат во Мачкина Глава, која контролира сѐ.

Контрастната, симболичка костимографија е на Марија Пупучевска. И сценографот Валентин Светозарев создава метафори на затвор и контрола: сиви бетонски ѕидови и плочи притискаат околу и се закануваат да го затворат небото над домот додека одгоре повремено паѓа градежен прав од соседните надвиснати зданија на новопечените претприемачи. Црвена врата, маса, некое столче и еден излишен кревет како семеен инвентар. Во длабочината две борови стебла, кои на крајот ќе бидат исечени. Над сето тоа, злокобно надвиснува метална скулптура (Ангел Петровски) со контури од мачкина глава.

Се случува лудило: татко тиранин, мајка потлачена, деца пијани, избезумени или „трансџендерирани“. Се чини дека сите се тероризираат меѓусебно. Таткото Спиридон, руски студент по режија и неславен инспициент во локалниот театар, сега во пензија, ја угнетува својата сопруга Марија и децата. Рубенс Муратовски го игра овој лик со гест, дури и со бела брада, што се доживува како убав цитат на Ацо Ѓорчев, кој останува запаметен по маркантната улога на Димитрија во „Диво месо“ од 1979 година. Овој Спиридон, сепак, знае да викне повеќе од некогашниот Димитрија, кому му приличеше крик само како врв на насобраната горчина.

Марија е нереализирана судијка, која ја жртвувала кариерата и станала домаќинка за да му овозможи на сопругот Спиридон „да успее“. Билјана Драгичевиќ Пројковска игра прецизно, моќно: потпевнува за да ги скрие наталожените трауми на заробена жена и мајка, додека врзува црвени конци или благо се врти и леко паѓа, сомнабулно повторувајќи: „Не ми се живее!“

Трите деца страдаат, исто така. Најмалиот, Ѕвездан, од зафрлената провинција сонува да стане светски режисер: ликот го толкува Филип Трајковиќ, често наивно добар, понекогаш нејасен, особено во судирот со таткото. Сара, писателка, живее во „големиот град“ со својата партнерка и е обземена, како и Ѕвездан, од кариерата. Избришана од татко си, сепак, се враќа дома по години, влетувајќи со голем забревтан мотор на сцената. Но, соочувањето со таткото, со изневерата на партнерката и со „храбриот нов свет“ на паланката ќе ја одведе до борот во дворот каде што ќе се обеси. Сара Климоска игра предвидливо, во сенката на другите актери, особено во онаа клучна сцена на пресметка со таткото кога Муратовски, дури и кога молчи, со голтки каење знае да го засени нејзиниот монолог против патријархатот.

Само постариот син Симон, кого го интерпретира Александар Степанулески, не сака ништо: тој е келнер и пијаница (како и во „Диво месо“ на Стефановски), кој лавира меѓу философско-богословски тиради и сексуална фрустрација. Тој е и бунтовник против системот и несреќен тиранин на жена си (како татко му Спиридон?), која ја грабнал од прегратките на својот брат. Степанулески игра психолошки нијансирано, движејќи го ликот по ризичниот раб на пијанство и просветленост, до длабока трагичност.

Сања Арсовска го игра ликот на Мериен, остро, со повремена пискливост, без особена сексапилност на заводничка што го „легнува“ прво Симон, а потоа и љубовницата на Сара со цел да ги скрши сите идеали, да ги разобличи сите надежи и да воспостави целосна моќ. Мериен сонува да го сними мигот на туѓото страдање (на пример, бесењето на Сара) како чиста „естетска“ епифанија, без совест или чувство за сострадание. Сепак, во толкувањето на Арсовска повеќе се открива една човечка кршливост (поради немањето деца) одошто таа демонска димензија на ликот. Игор Ангелов, пак, го толкува Џорџ со блага комичност, особено при почетната игра со „англискиот“ изговор. Потоа, постепено го трансформира ликот во перфидна фигура на западната доминација.

Се чини дека странците се обидуваат да го разберат локалното лудило за да можат да воспостават контрола. Една од нивните први жртви е соседот Панзо, кој ја продава куќата, убедувајќи го Спиридон дека „оваа битка е изгубена“. Епизодата уверливо ја игра Предраг Павловски. Сепак, во вториот дел, сосема непотребно, за овој лик е допишан текст: во устата му се ставаат македонско-револуционерни „мотивации“ и тој, при крајот, божем патетично каејќи се за предавство, се самоубива.

Една брилијантна актерска минијатура создава Златко Митрески, кој во контролиран, апсурдистички клуч го игра ликот на општинарот Штерјо, тоа чиновничко-шалтерско „лице“ на фамозниот, безличен, дигитализиран „систем“ што пропишува регулативи, наложува процедури, разгледува барања и издава решенија за секој аспект на животот. 

Конечно, што му преостанува на ова расточено, растроено, уништено локално македонско и балканско себство, врзано во лудачки кошули од западните господари, освен да тупка некое оро со нозете? „Ако треба, и казачок ќе играме“, настојчиво предлага Спиридон. Казачок како отпор, како инает, но и како пароксизам истовремено! Такво е финалето на оваа драма: мрачна, тешка, долга, болна.

Без масивни аудитивно-визуелни потези карактеристични за неговата режисерска поетика, Дејан Пројковски во „Мачкина глава“, како рентгенолог, прави сценска снимка на нацијата. Столчено племе (Конески), болно племе (Чашуле), лудо племе (Андоновски)? Кај Горан Стефановски имаше еден пиштол за отпор, како надеж. И се слушаше срцебиење на рожба што треба да се роди. Овде има истрел само за самоубиство. И никаква надеж. Се слуша глас на новороденче за кое се вели дека ќе биде потопено од стерната. Заробеноста, значи, станала „природна“ состојба на рибите уловени во дигиталниот базен. Музиката на Горан Трајкоски го дава тој тежок, застрашувачки, пророчки, основен тон.

Иван Додовски

28. 4. 2026

Фото: ДТС, 2026

Comments

Popular posts from this blog

Живот, моќ, ништост

Кон претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, режија – Иштван К. Сабо, во изведба на Народниот театар од Битола, премиера гледана на 14. 11. 2025 година   Во Битолскиот народен театар се игра „Макбет“ како симболично истражување на ништоста што владее со човечкиот живот. Режисерот Иштван К. Сабо бега од експлицитни референци во обид да долови универзална смисла. Шкотска, која е гроб кај Шекспир, овде не е всидрена во денешни контексти . На задниот ѕид од сцената се менуваат слики и снимки од бубачки што лазат, чаши, черепи, разрушени градови... Се спушта и се крева решетка од прозорци што во сцената со вратарот ќе стане капија на замок. Пред оваа галерија на симболи, сценографот Валентин Светозарев исцртува ентериер со едноставни дрвени клупи, кои се преместуваат за мизансценски ситуации: од кралска трпеза до гробница. По мали шини, навнатре и пак назад се движат големи, странични, готски пиластри, а над нив масивно висат кровни греди, кои на крајот – симболично и очекувано – ќе се...

Дом без излез

Кон претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски, адаптација и режија - Дамјан Димовски, во изведба на Народ ниот театар „Антон Панов“ од Струмица , гледана на 24 јули 2026 година во рамките на Битолско културно лето „Битфест“, трае 80 минути. Изведбата на „Бегалка“ од Васил Иљоски на 1 мај 1949 година се смета за официјален почеток на работата на Струмичкиот театар. Втор пат драмата била играна во 1970 година. По педесет и пет години овој важен текст на македонскиот драмски канон повторно се поставува на струмичката сцена. Овојпат младиот режисер Дамјан Димовски не прави археолошка реконструкција на класичната структура на битовата драма, туку ја расклопува. Од неа го вади јадрото што може да има современ одек. Т екстот е драстично скратен , вториот дел е целосно отстранет. Кај Иљоски, бегството на богатата Ленче за сиромавиот Бошко , спротивно на волјата од татко ѝ , е чин на кршење на патријархалната и класната норма , но последователното помирување го обновува поредокот. Во пос...

За татковината и против неа

Кон претставата „ Кориолан “ од Вилијам Шекспир, адаптација и режија – Џон Блондел , во изведба на Народниот театар од Битола, премиера на 1 5 . 7 . 202 6 година , во рамките на „Охридско лето“ Само осумдесет минути. Црвен квадрат. Неколку метални столчиња. Сведено на стих. На суштината. Така може да се резимира претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир на Битолскиот театар, во адаптација и режија на Џон Блондел, која беше премиерно изведена во рамките на програмата на „Охридско лето“. Американскиот режисер не ја гради оваа доцна трагедија на Шекспир како политички спектакл во стереотипен балкански контекст (како што несреќно направи Ралф Фајнс со филмската верзија од 2011 година). Уште помалку, пак, сака музејск и да ги реконстру ира политичките хирови на древниот Рим. Нема локализаци и, п репознатливи домашни политичари , директни глобални паралели. Овој „Кориолан“ не е критика на класен судир меѓу богатата елита и изгладнетите плебејци во ерата на глобалниот капитализам (иако ...