Кон претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, режија – Иштван К. Сабо, во
изведба на Народниот театар од Битола, премиера гледана на 14. 11. 2025 година
Во Битолскиот народен театар се игра „Макбет“ како симболично истражување на ништоста што владее со човечкиот живот. Режисерот Иштван К. Сабо бега од експлицитни референци во обид да долови универзална смисла. Шкотска, која е гроб кај Шекспир, овде не е всидрена во денешни контексти. На задниот ѕид од сцената се менуваат слики и снимки од бубачки што лазат, чаши, черепи, разрушени градови... Се спушта и се крева решетка од прозорци што во сцената со вратарот ќе стане капија на замок. Пред оваа галерија на симболи, сценографот Валентин Светозарев исцртува ентериер со едноставни дрвени клупи, кои се преместуваат за мизансценски ситуации: од кралска трпеза до гробница. По мали шини, навнатре и пак назад се движат големи, странични, готски пиластри, а над нив масивно висат кровни греди, кои на крајот – симболично и очекувано – ќе се потресат како и власта што паѓа.
Во овој режисерски свет
на Сабо има уште еден налог: актерите да играат гротескно, без силни лирски или
натуралистички ефекти. Дури, претставата се „лизга“ кон бекетовски димензии:
убијците (Никола Пројчевски и Петар Спировски) добиваа црвени кловновски носеви
додека убиваат, а облечени се (костими на Благоја Мицевски), како и други
споредни ликови, во препознатливите алишта со карактеристични шапки од праизведбата
на „Чекајќи го Годо“ – еден јасен цитат. Впрочем, истото дрво е ставено и тука,
десно на сцената, а пред него во дрвена колепка се нишкаат и под него се редат
камења, како знаци за мртвите деца од утробата на Лејди Макбет и за сите жртви
на нејзиниот сопруг.
Симпатично е решена улогата
на вештерките (прецизно одиграни од Ана Грамосли, Марија Стефановска и Марија
Цветановска) и моќната Хекуба (брилијантно доловена од Соња Михајлова): тие се
актерки застанати лево на сцената, пред замислено огледало во гримиорна, чија
рамка е свртена кон публиката. Тука тие ги користат баењата од текстот на
Шекспир за фацијални говорни вежби. Ништо грозоморно нема кај нив дури ниту
откако ќе се нашминкаат. Претскажуваат и глумат морбидност, но тие не се ниту
антички еринии, ниту застрашувачки сили на злото. На крајот, трите вештерки – насмеани,
дотерани со фустани и дијадеми – како три грации или мис-убавици застануваат
пред она „годоовско“ дрво, заедно со двете деца од претставата (Мартин
Митровски и Ива Лазарова) откако новиот крал ќе прогласи победа.
Во овој „Макбет“ нема јасен
контраст меѓу добрите и лошите властодршци. Благородниот Данкан на Шекспир
добива поинаква интерпретација (Александар Димитровски): тој е дебел, груб,
ненаситен крал што се крепи на подвижен инвалидски стол, терајќи ги поданиците
да пеат до апсурд еден македонски референ („Ако умрам ил загинам, немој да ме
жалите...“), за потем да се спрпелка како мртов труп посипан со прав. Макбет на
Мартин Мирчевски, пак, е фигура што не застрашува надворешно, туку со својот
внатрешен кошмар. Тој е медитативен и понекогаш гротескен, како во сцената со
големите чаплиновски чевли или кога се движи полуинфантилно со оној ист
инвалидски (пре)стол наследен од Данкан, смислувајќи нови убиства. Мартин
Мирчевски има чиста дикција и способност да постави точен акцент, да го извлече
стихот на Шекспир прецизно и докрај. Неговиот Макбет е лик што постепено се
губи себеси и тоне во привид, борејќи се да го добие „она што не постои“.
Нему му долева зли
намисли една елегантна Лејди Макбет во интерпретација на Јулијана Мирчевска. Нејзиниот
костим со сатенски сјај се менува од зелен во бел како што самата тоне од јасна
убеденост за досегнатата моќ во ноќни бладања на нејзината совест додека чекори
во сон. Во оваа игра, Лејди Макбет не доминира во дејството така што ќе го
собере сето зло во себе. Акцентот, се чини, ставен е на она што неа ја прави
жена: иако отпочеток ја „корне“ својата камен-утроба заради власт, таа потем
страда и копнее неутешно.
Огнен Дранговски го
толкува ликот на Макдаф: неговите удирања во дрвено клепало и тапан, како тажно
ехо на судбината на нацијата, во крајната сцена на пресметка со Макбет се
претвораат во симболична егзекуција: белата капа – конусна ќулавка – симната е
од главата на тиранот и столчена од Макдафовите ударалки. Потем наследникот
Малколм (го игра Никола Стефанов) може да се круниса, но пак гротескно – со
круна на надувување. Играат и актерите: Борче Ѓаковски како Банко, со слаба разговетност; Катерина
Аневска Дранговска како нежна Лејди Макдаф; Филип Мирчевски и Александар
Стефановски во улога на благородници; Живко Борисовски како доктор; и Иван
Јерчиќ, одличен во улогата на вратарот.
Музиката на Ерно Веребес
дискретно пунктира различни ситуации, а видеодизајнот на Сергеј Светозарев, со
директниот видеопренос на некои дејства преку проекција врз задниот ѕид (како,
на пример, во сцената со убиството на Банко каде што третиот убиец е, всушност,
снимател) – отвора дополнителна критичка димензија кон практикувањето на власта
како своевидно „реално шоу“ во живо.
Уште од самиот почеток, додека вештерките ставаат белило на лице, на сцената паѓа бел прав и така полека сé станува засипано со прав, и сите чекорат по таа бела прав, и трагите од правта се лепат на сите костими, и животот и моќта стануваат прав и пепел. Претставата „Макбет“ на режисерот Иштван К. Сабо е врзопче идеи за човекот и за ништоста, кое за ансамблот на Битолскиот народен театар носи фини предизвици.
Иван Додовски, 17.11.2025
Фото: НТБ 2025
Comments
Post a Comment