Кон претставата „Гидионовиот јазол“ од Џона Адамс, режија Драгана Милошевска-Попова, во изведба на Драмски театар од Скопје, гледана на 31. 5. 2025 година, трае 85 минути, без пауза. Додека се влегува на малата сцена, низ фоајето и една помошна просторија на театарот, деца џагорат како во училиште. На сцена веќе е наставничката, која вознемирено се подготвува да замине додека разменува пораки на мобилниот телефон. На вратата од нејзината училница тропнува мајката на ученикот Гидион. Започнува тежок разговор, кој разоткрива јазлеста приказна за булинг, гнил образовен систем и семејна отуѓеност, кои довеле до самоубиство на петтоодделенецот. Децата се појавуваат уште двапати во претставата: во првиот дел, играјќи си на школски одмор, и на самиот крај, пеејќи рефрен за невиноста и вината. Двете жени, наставничката и мајката, имаат трауматично соочување што лавира околу истото прашање - кој е виновен? Ана Митиќ од самиот почеток игра во грч, често отсечно, со по...