Кон претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, адаптација и режија на Егон Савин, гостин од Белград, во изведба на Македонскиот народен театар во Скопје, премиера гледана на 25. 1. 2025 година, трае 75 минути. „Народен пратеник“, комедиографскиот првенец на Бранислав Нушиќ, напишан кога тој имал само деветнаесет години, белградскиот режисер Егон Савин го скратува, го допишува, го изместува, го подместува и најпосле некако го наместува. Исфрлени се речиси половина од ликовите, допишани се некои реплики, смешното е затапено за да остави простор за сатирична боцка. Намерата, се чини, била да се алудира на стварноста во која партиските поделби, алчноста, лагата, корупцијата, непросветеноста и полтронството создаваат морален ужас што ја секнува секоја смеа. Сепак, симптоматично е зошто адаптираниот текст останува археолошки врзан за својот некогашен контекст. Во претставата се насетува некоја јужносрбијанска провинција чии простички граѓани зборуваат на чуден македонски дијалект...