Skip to main content

Осамени сонувачи

Кон претставата „Бели ноќи“ од Ф. М. Достоевски, режија на Звездана Ангеловска, во изведба на Македонскиот народен театар во Скопје, премиера на 17. 10. 2024 година, претстава гледана на 15.1.2025 година.


Краткиот сентиментален роман на Ф. М. Достоевски е драматизиран и стилизиран како дуодрама со минималистичка сценографија (Мартин Манев), тивки звуци и силни симболи. Претставата започнува со шепотлив звук на ноќни штурци, потем штимунгот расте со лирски ноти, гласови, звуци на ветер, дожд и пак нежна музика (Марјан Неќак). Две едноставни, не многу големи метални скалила се вратат и се комбинираат за мизансценски промени. Еден метроном отчукува тага на почетокот и на крајот. Над него стои нотен пулт, а преку сцената се оптегнуваат ленти што прават петолинија во кои ќе се вплеткаат двајца осамени сонувачи. Тие си подаваат мало клопче што станува сѐ поголемо, во еден момент толку големо што може да ги прегази самите нив. Звездана Ангеловска режира драма што е како клопчето на животот, кое се отплеткува, откривајќи осамени души што несреќно љубат.

Дамјан Цветановски го игра ликот на сонувачот-музичар што излегува од својата осама за да ја признае љубовта кон Настењка. Игра поетски вдахновено, но со благи нотки на хумор, со фин говор и голтки емоција, без претерувања. Во неговите соништа се појавува осумнаесетгодишната Настењка како балерина. Ана Јовановска го игра тој лик со нагласена разговетеност и силен изговор, без лесна плачливост, понекогаш со манир на марионета, која зад појавното ја крие својата растреперена душа.

Костимите на Роза Трајческа-Ристовска се стилски сведени: широки панталони и темен капут за сонувачот, еднобоен, лесен светлокафен костим и балетанки за сонувачката, која добива и шапка и светло палто кога со бел дамски велосипед ќе му каже збогум на несудениот љубен.

На мала сцена се отклучуваат  две страдални срца со голем сентимент, додека траат бели петерсбуршки ноќи во кои грдата реалност и човечката фантазија си ги менуваат улогите во животот на осамениците. Камерен, лирски театар, свеж воздух во скопската застојаност. 

Иван Додовски, 16.1.2025

Comments

Popular posts from this blog

Дом без излез

Кон претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски, адаптација и режија - Дамјан Димовски, во изведба на Народ ниот театар „Антон Панов“ од Струмица , гледана на 24 јули 2026 година во рамките на Битолско културно лето „Битфест“, трае 80 минути. Изведбата на „Бегалка“ од Васил Иљоски на 1 мај 1949 година се смета за официјален почеток на работата на Струмичкиот театар. Втор пат драмата била играна во 1970 година. По педесет и пет години овој важен текст на македонскиот драмски канон повторно се поставува на струмичката сцена. Овојпат младиот режисер Дамјан Димовски не прави археолошка реконструкција на класичната структура на битовата драма, туку ја расклопува. Од неа го вади јадрото што може да има современ одек. Т екстот е драстично скратен , вториот дел е целосно отстранет. Кај Иљоски, бегството на богатата Ленче за сиромавиот Бошко , спротивно на волјата од татко ѝ , е чин на кршење на патријархалната и класната норма , но последователното помирување го обновува поредокот. Во пос...

За татковината и против неа

Кон претставата „ Кориолан “ од Вилијам Шекспир, адаптација и режија – Џон Блондел , во изведба на Народниот театар од Битола, премиера на 1 5 . 7 . 202 6 година , во рамките на „Охридско лето“ Само осумдесет минути. Црвен квадрат. Неколку метални столчиња. Сведено на стих. На суштината. Така може да се резимира претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир на Битолскиот театар, во адаптација и режија на Џон Блондел, која беше премиерно изведена во рамките на програмата на „Охридско лето“. Американскиот режисер не ја гради оваа доцна трагедија на Шекспир како политички спектакл во стереотипен балкански контекст (како што несреќно направи Ралф Фајнс со филмската верзија од 2011 година). Уште помалку, пак, сака музејск и да ги реконстру ира политичките хирови на древниот Рим. Нема локализаци и, п репознатливи домашни политичари , директни глобални паралели. Овој „Кориолан“ не е критика на класен судир меѓу богатата елита и изгладнетите плебејци во ерата на глобалниот капитализам (иако ...

Капитализам, схизофренија и казачок

Кон претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, режија Дејан Пројковски, во изведба на Драмски театар - Скопје. Премиера на 21. 4. 2026 година. Трае 120 минути, без пауза. Делез и Гатари тврдеа дека капитализмот произведува схизофренија: ја ослободува желбата од старите калапи (вера, традиција, идентитет) и едновремено ја заробува уште поцврсто во нови (продуктивност, претприемништво, конзумеризам). Текстот „Мачкина глава“ на Венко Андоновски, праизведен по повод 80-годишниот јубилеј на Драмски театар – Скопје, во режија на Дејан Пројковски, е схизоанализа на денешното македонско (и, во поширока смисла, балканско) општество вклештено во социо-културниот премин, на крстосницата Исток-Запад. Како и во други дела на Андоновски, матрицата е позајмена: овојпат од „Диво месо“ на Горан Стефановски. Нуклеусното семејство се распаѓа, се судира новото со старото, едниот модел на власт се заменува со друг. Но, во суштина, едноумието трае, само се преобликува. Општеството станува базен за уло...