Skip to main content

Дом без излез

Кон претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски, адаптација и режија - Дамјан Димовски, во изведба на Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица, гледана на 24 јули 2026 година во рамките на Битолско културно лето „Битфест“, трае 80 минути.


Изведбата на „Бегалка“ од Васил Иљоски на 1 мај 1949 година се смета за официјален почеток на работата на Струмичкиот театар. Вторпат драмата била играна во 1970 година. По педесет и пет години овој важен текст на македонскиот драмски канон повторно се поставува на струмичката сцена. Овојпат младиот режисер Дамјан Димовски не прави археолошка реконструкција на класичната структура на битовата драма, туку ја расклопува. Од неа го вади јадрото што може да има современ одек.
Текстот е драстично скратен, вториот дел е целосно отстранет. Кај Иљоски, бегството на богатата Ленче за сиромавиот Бошко, спротивно на волјата од татко ѝ, е чин на кршење на патријархалната и класната норма, но последователното помирување го обновува поредокот. Во постановката на Димовски помирување нема. Укината е можноста конфликтот да се разреши во рамките на заедницата. Крајот е изменет и носи трагичен безизлез. Бегството не отвора пат кон среќата, туку станува последен, ризичен чин на отпор. Со тоа режијата ја изместува „Бегалка“ од нејзината традиционална жанровска и сценска рамка. Нема фолклор, етнографска живописност, обредност или разиграност. Нема ништо од битовиот свет. Драматургијата е соголена до основен конфликт: судирот меѓу поединецот и домот, љубовта и профитот, личниот избор и родителската посесивност. Прашањето не е дали љубовта ќе ги совлада пречките, туку колку чини правото човекот да располага со сопствениот живот.
Домот во ова читање не е засолниште. Тој е простор во кој семејната блискост станува надзор, грижата се претвора во поседување, а традицијата служи како оправдување за насилството. Меѓугенерацискиот судир не е само поради различни сфаќања за бракот. Тој е борба околу правото на избор. Ленче треба да биде омажена, разменета, распоредена во социјалниот поредок. Нејзиното бегство е обид да излезе од улогата што однапред ѝ е доделена. Ваквата режисерска поставеност доследно ја остварува Анкица Бенинова, која ја игра главната улога на трагичната хероина со физичка игривост, фина дикција и психолошки нијансирања.


Концептот на играта, сепак, не е подеднакво спроведен од сите актери. Од нив се бара говор и однесување што се лишени од фолклорна и социјална типизација. Се налага игра со модерен психолошки израз што повремено преминува во апсурдистичка искривеност. Тоа најдобро го постигнува Стојан Велков – Трн во улогата на таткото Аџи Трајко. Зад позата на нескршлив моќник од елитата, способен само со мал гест на прстот да ги покорува другите, тој открива потисната совест поради што не може да се моли и, заслепен, го извршува хибрисниот чин: пука во својата ќерка. Крајот е одлично режисерски осмислен: Ленче, со црн невестински вел, се појавува во неговиот сон, во неговата трагична мора.
Во оваа визија сите ликови се внатрешно разнишани, засегнати од суровоста на односите. Сите пушат, прекумерно, како рефлекс на нервоза, самозаштита, досада, отпор или неможност за комуникација. Тие истовремено дејствуваат како конкретни луѓе и како заробеници на механизам што постојано ја продолжува траумата. Сепак, премините меѓу реалистичкиот и апсурдистичкиот начин на игра не се секогаш еднакво прецизни. Јасмина Вучкова како Мирса, сестра на Аџи Трајко, дури во завршниот дел го дофаќа потребниот модерен израз, а Танкица Стојанова во улогата на Велика, и покрај невоедначеноста, успева да донесе посебен глас на угнетена жена, особено во фасцинантниот дијалог со сопругот Аџи Трајко во кој се разоткрива целиот апсурд на односите во семејството. Емотивно прецизен е Михаил Велков во улогата на Бошко, љубениот на Ленче. Со точна црта на блага гротескност Игор Тодоров го игра ликот на Аџи Стојко, додека ги дели подврзаните банкноти како дел од „брачната зделка“ за неговиот недоветен син. Конечно, фина минијатура прави Васка Ангелова во улогата на слугинката Донка, која со гест или со едно „шшшш“ дава метатеатарски коментар и ги завршува сцените.


Така, се создава макабрична слика за домот (сценографија и костими на Благој Мицевски). Во заднината виси црна перфорирана најлонска завеса, како истрошена мембрана меѓу внатрешниот свет и она што се наоѓа надвор од него. Во мигот на бегство, таа завеса паѓа до половина, а над неа се појавува зборот „Бегалка“, испишан со неонски светла. Ефектот е јасен, иако буквален: Ленче бега, но погледот на другите продолжува да ја жигосува. На сцената е поставена подигната платформа во форма на буквата „П“. Лево и десно се поставени по три вертикални неонски светла, без јасна оправданост. Повеќето реквизити (црно детско коњче, школска клупа и столчиња како замена за дневна маса, ретро радио, сечени дрвени трупци во преден план) се излишни и некохерентни знаци, кои не носат дополнителна симболичка вредност. И костимите се црни, дизајнирани во современ израз. Разбирлив исклучок се црвените тонови кај Ленче и Бошко. Музиката на Александар Димовски е силен фактор на споменатиот сетинг: современата звучност го засилува чувството на закана и затвореност и, контрапунктно, ја илустрира младешката жед за љубов и слобода.
Струмичката „Бегалка“ е интересен експеримент – во жанрот и во сценскиот јазик. Дамјан Димовски го отстранува расплетот што го смирува судирот и ја остава отворена раната. Лишен од фолклорната димензија, текстот на Иљоски добива нови херменевтички можности како драма за домот, изборот, личната слобода. И за цената што мора да се плати.
 
Иван Додовски
25. 7. 2026
Фото: НТС, 2025

Comments

Popular posts from this blog

За татковината и против неа

Кон претставата „ Кориолан “ од Вилијам Шекспир, адаптација и режија – Џон Блондел , во изведба на Народниот театар од Битола, премиера на 1 5 . 7 . 202 6 година , во рамките на „Охридско лето“ Само осумдесет минути. Црвен квадрат. Неколку метални столчиња. Сведено на стих. На суштината. Така може да се резимира претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир на Битолскиот театар, во адаптација и режија на Џон Блондел, која беше премиерно изведена во рамките на програмата на „Охридско лето“. Американскиот режисер не ја гради оваа доцна трагедија на Шекспир како политички спектакл во стереотипен балкански контекст (како што несреќно направи Ралф Фајнс со филмската верзија од 2011 година). Уште помалку, пак, сака музејск и да ги реконстру ира политичките хирови на древниот Рим. Нема локализаци и, п репознатливи домашни политичари , директни глобални паралели. Овој „Кориолан“ не е критика на класен судир меѓу богатата елита и изгладнетите плебејци во ерата на глобалниот капитализам (иако ...

Капитализам, схизофренија и казачок

Кон претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, режија Дејан Пројковски, во изведба на Драмски театар - Скопје. Премиера на 21. 4. 2026 година. Трае 120 минути, без пауза. Делез и Гатари тврдеа дека капитализмот произведува схизофренија: ја ослободува желбата од старите калапи (вера, традиција, идентитет) и едновремено ја заробува уште поцврсто во нови (продуктивност, претприемништво, конзумеризам). Текстот „Мачкина глава“ на Венко Андоновски, праизведен по повод 80-годишниот јубилеј на Драмски театар – Скопје, во режија на Дејан Пројковски, е схизоанализа на денешното македонско (и, во поширока смисла, балканско) општество вклештено во социо-културниот премин, на крстосницата Исток-Запад. Како и во други дела на Андоновски, матрицата е позајмена: овојпат од „Диво месо“ на Горан Стефановски. Нуклеусното семејство се распаѓа, се судира новото со старото, едниот модел на власт се заменува со друг. Но, во суштина, едноумието трае, само се преобликува. Општеството станува базен за уло...