Skip to main content

За татковината и против неа

Кон претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, адаптација и режија – Џон Блондел, во изведба на Народниот театар од Битола, премиера на 15. 7. 2026 година, во рамките на „Охридско лето“


Само осумдесет минути. Црвен квадрат. Неколку метални столчиња. Сведено на стих. На суштината. Така може да се резимира претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир на Битолскиот театар, во адаптација и режија на Џон Блондел, која беше премиерно изведена во рамките на програмата на „Охридско лето“. Американскиот режисер не ја гради оваа доцна трагедија на Шекспир како политички спектакл во стереотипен балкански контекст (како што несреќно направи Ралф Фајнс со филмската верзија од 2011 година). Уште помалку, пак, сака музејски да ги реконструира политичките хирови на древниот Рим. Нема локализации, препознатливи домашни политичари, директни глобални паралели. Овој „Кориолан“ не е критика на класен судир меѓу богатата елита и изгладнетите плебејци во ерата на глобалниот капитализам (иако целиот прв чин на Шекспир дава основа за токму такво читање). Блондел не ја потенцира ниту токсичната семејна динамика на приказната. Со еден збор, бега од левичарски опсесии и традиционална психоанализа. Режисерскиот минимализам отфрла сé што е одвишно за да се чуе мислата и за да дојде до израз чистата емоција. Ваквиот пристап нагласува нешто универзално: како функционира власта, како се создава непријател и како гордоста се претвора во механизам на самоуништување.

Зад естетизацијата на претставата се чита ракописот на Благој Мицевски како сценограф и костимограф. Тој не гради простор, ами го расчистува. Црвена квадратна сцена и неколку црни метални столчиња, два шлема за водачите на непомирливите страни и, на крајот, црвени гумени нараквици што ќе го задават трагичниот херој. Во заднината, видеопроекции на името Кориолан, прво со црвени, потем со црни букви, па сиви облаци на војната и неизвесноста и, најпосле, крв што полека се излева и ја голта сликата. Западната фасада на катедралата „Св. Софија“, со нејзините складни аркади и елегантни бифори, создава природен контраст наспрема драмата на избезумениот свет.


Претставата зборува со костимот. Црните современи силуети на плебсот, црните кожени сандалки, беж-костимот на Менениј, црвениот фустан на Волумнија, традиционално стилизираната фута на Виргилија, црвените патики на Кориолан – ништо не е случајно. Секоја промена има драматуршки аспект. Симпатична е сцената во која Кориолан одбива да го облече мантилот со кој треба да им се додвори на граѓаните. Тоа е неговата трагична неможност да стане политичар. Знае да победува во војни, не знае да освои луѓе.

Светлосниот дизајн на Џонатан Хикс е статичен, со мали промени, а музиката на Александар Димовски, со неколку тонови што одат во фон, го интерпунктира драмското дејство.
Среде вакава сценска сведеност, стихот на Шекспир не е секогаш прецизно артикулиран од актерите. Понекаде недостига и мизансценска динамика. Режисерот се обидува да го превозмогне тоа со метатеатарска досетка така што за неколку сцени од првиот чин се читаат само дидаскалиите место да се играат дијалозите.  

Во овој вербален театар актерите се на бришан простор: соголени се, нема зад што да се скријат. Затоа не се снаоѓаат сите подеднакво добро. Искусниот Петар Горко го игра Менениј Агрипа, успешно трансформирајќи го од народен мудрец во спин-доктор за политички кампањи. Карактеристична е, на пример, сцената во која го манипулира Кориолан да „купува“ гласови од плебејците делејќи им ситни мастики за џвакање.


Васко Мавровски гради сигурен Кориолан, без маскулинистички патос и без психологизам. Неговиот трагичен хибрис се открива постепено и наоѓа вистински израз кон крајот. Особено силна е сцената на егзил кога, протеран од Рим и слепо воден од омраза, прави сојуз со својот смртен непријател. Сепак, најнеподнослив товар станува токму сознанието дека неговиот меч кренат против татковината треба да ја расече утробата на неговата сопруга во која таа го носи нивниот нероден син.

Волумнија, мајката на Кориолан, ја игра Јулијана Мирчевска со актерска фактура што градира полека од воздржаност до силна емоција. Во нејзиното толкување нема нежност, фројдовско мајчинство, ниту болна амбиција за моќ. Таа носи црти на политичка мудрост и патриотски фанатизам, кои доаѓат до израз во завршниот говор со кој, коленопреклоно, го моли синот да го поштеди Рим од уништување. Наспроти неа, Виргилија, сопругата на Кориолан, во интерпретација на Сандра Грибовска Илиевска, е гласот на сочувството и човечкото страдање, тивок, но силен.


Кај Тул Ауфидиј на Борче Ѓаковски недостигаат подлабоки валери на опсесија со Кориолан и чувство на помала вредност. Сепак, неговото лукавство и завист фино и симболично ќе се видат кога со црвена нараквица ќе го допре и ќе го прегрне Кориолан - истата онаа „крвава рака“ што потоа, преку насасканите Волшани, ќе му пресуди на генералот. Во улогите на римски трибуни настапуваат Марјан Георгиевски и Петар Спировски. Сите актери, пак, во различни сцени играат граѓани, патриции, сенатори, војници.

По успешните „Ричард Трети“ и „Макбет“, играни во претходните сезони, Народниот театар од Битола истражува нови можности: краток, стилизиран „Кориолан“, без натурализам, игран едноставно и доследно, во минималистички клуч.

Иван Додовски

16. 7. 2026

Фото: НТБ, 2026

Comments

Popular posts from this blog

Живот, моќ, ништост

Кон претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, режија – Иштван К. Сабо, во изведба на Народниот театар од Битола, премиера гледана на 14. 11. 2025 година   Во Битолскиот народен театар се игра „Макбет“ како симболично истражување на ништоста што владее со човечкиот живот. Режисерот Иштван К. Сабо бега од експлицитни референци во обид да долови универзална смисла. Шкотска, која е гроб кај Шекспир, овде не е всидрена во денешни контексти . На задниот ѕид од сцената се менуваат слики и снимки од бубачки што лазат, чаши, черепи, разрушени градови... Се спушта и се крева решетка од прозорци што во сцената со вратарот ќе стане капија на замок. Пред оваа галерија на симболи, сценографот Валентин Светозарев исцртува ентериер со едноставни дрвени клупи, кои се преместуваат за мизансценски ситуации: од кралска трпеза до гробница. По мали шини, навнатре и пак назад се движат големи, странични, готски пиластри, а над нив масивно висат кровни греди, кои на крајот – симболично и очекувано – ќе се...

Дом без излез

Кон претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски, адаптација и режија - Дамјан Димовски, во изведба на Народ ниот театар „Антон Панов“ од Струмица , гледана на 24 јули 2026 година во рамките на Битолско културно лето „Битфест“, трае 80 минути. Изведбата на „Бегалка“ од Васил Иљоски на 1 мај 1949 година се смета за официјален почеток на работата на Струмичкиот театар. Втор пат драмата била играна во 1970 година. По педесет и пет години овој важен текст на македонскиот драмски канон повторно се поставува на струмичката сцена. Овојпат младиот режисер Дамјан Димовски не прави археолошка реконструкција на класичната структура на битовата драма, туку ја расклопува. Од неа го вади јадрото што може да има современ одек. Т екстот е драстично скратен , вториот дел е целосно отстранет. Кај Иљоски, бегството на богатата Ленче за сиромавиот Бошко , спротивно на волјата од татко ѝ , е чин на кршење на патријархалната и класната норма , но последователното помирување го обновува поредокот. Во пос...