Skip to main content

Тетовиран, луд, слободен?

Кон претставата „Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорги Ризески, во изведба на Народен театар од Куманово, гледана на 10. 9. 2025 година, како дел од програмата на ФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица. Трае 120 минути без пауза.


„Калигула“ на Народниот театар од Куманово е претстава на телесност, сценска заситеност и режисерски претензии. Додека публиката сѐ уште влегува, потресениот Калигула црта тетоважи по телото на мртвата Друзила, негова сестра и љубовница, која потоа ќе се појавува во неговите соништа како сенка што танцува и исчезнува (алтернација на Ева Пауновиќ и Јована Таневска). Патрициите се околу трпезата на која, небаре слика-цитат, лежи човечко тело, приготвено и послужено во филмски манир на Питер Гринавеј. Потоа следуваат сцени на лудило во кои Калигула ќе ги претвора сенаторите во робови-објекти на својата моќ. Тие ќе мораат да црпат песок со виљушка и да трпат понижувања и секаква суровост, физичка и психичка. Таа шок-сликовност и цитатност се засилува со метал-музика (Алмир Бајрамоски). Од чин во чин, упорно прска на сите страни крв, која изобилно се лее од кесички додека еден по еден сите ликови стануваат жртви на лудиот император.

Во интерпретацијата на Марко Трајковиќ, Калигула е силен маж со тетоважи по целото тело, со нагласени епилептични напади на почетокот, кои потоа се заменуваат со лежерна ироничност на гестот и, најпосле, со феминизирани манири на еден Калигула престорен во божицата Венера родена од пена. Нагласената енергичност од почетокот до самиот крај како да остава мал простор за неопходни нијанси на актерскиот израз. Покрај доминатниот Марко Трајковиќ, останатите од актерската екипа играат дивергентно, најчесто во обид да истакнат црта на ликот и да дојдат до етида на емоција и гест. Искусната Кети Дончевска Илиќ го игра стаменитиот сенатор, мудрец и заговорник Хереjа. Се издвојува и Жарко Јовановиќ во улогата на Муциј, кој со нема вџашеност ја голта логиката на убивањето на неговите деца и силувањето на жена си. Играат и: Александра Михајловска, Владанка Крстевски, Давид Илиќ, Анастасија Величковиќ, Владо Дојчиноски и гостите Илин Јовановски, Никола Милошевски, Луна Маријановиќ и Теодор Јакимовски. 


Во целината што се развлекува, режисерот Ѓорги Ризески интервенира „надворешно“, со шок-светла и со средишна брехтовска пауза во која вербално се објаснува моќта на актерот. Чудните и евтино скроени костими на Кети Пауновска Стевковска делуваат повеќе комично одошто стилски. Сценографијата на Мартин Манев ја следи големата режисерска замисла: од песок во предниот план, блиску послан пред публиката, преку скалеста конструкција на ротирачки скалила, се стигнува до врвот со црн трон. На крајот, една месечина се спушта како метафора на мечтата за бескрајна моќ и слобода на Калигула или како недосонуван сон во кој се тој, Друзила и нивната малечка сенишна ќерка, трагично прегрнати во смртта.

Иван Додовски, 10. 9. 2025

Фото: НТК 2025

Comments

Popular posts from this blog

Живот, моќ, ништост

Кон претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, режија – Иштван К. Сабо, во изведба на Народниот театар од Битола, премиера гледана на 14. 11. 2025 година   Во Битолскиот народен театар се игра „Макбет“ како симболично истражување на ништоста што владее со човечкиот живот. Режисерот Иштван К. Сабо бега од експлицитни референци во обид да долови универзална смисла. Шкотска, која е гроб кај Шекспир, овде не е всидрена во денешни контексти . На задниот ѕид од сцената се менуваат слики и снимки од бубачки што лазат, чаши, черепи, разрушени градови... Се спушта и се крева решетка од прозорци што во сцената со вратарот ќе стане капија на замок. Пред оваа галерија на симболи, сценографот Валентин Светозарев исцртува ентериер со едноставни дрвени клупи, кои се преместуваат за мизансценски ситуации: од кралска трпеза до гробница. По мали шини, навнатре и пак назад се движат големи, странични, готски пиластри, а над нив масивно висат кровни греди, кои на крајот – симболично и очекувано – ќе се...

Дом без излез

Кон претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски, адаптација и режија - Дамјан Димовски, во изведба на Народ ниот театар „Антон Панов“ од Струмица , гледана на 24 јули 2026 година во рамките на Битолско културно лето „Битфест“, трае 80 минути. Изведбата на „Бегалка“ од Васил Иљоски на 1 мај 1949 година се смета за официјален почеток на работата на Струмичкиот театар. Втор пат драмата била играна во 1970 година. По педесет и пет години овој важен текст на македонскиот драмски канон повторно се поставува на струмичката сцена. Овојпат младиот режисер Дамјан Димовски не прави археолошка реконструкција на класичната структура на битовата драма, туку ја расклопува. Од неа го вади јадрото што може да има современ одек. Т екстот е драстично скратен , вториот дел е целосно отстранет. Кај Иљоски, бегството на богатата Ленче за сиромавиот Бошко , спротивно на волјата од татко ѝ , е чин на кршење на патријархалната и класната норма , но последователното помирување го обновува поредокот. Во пос...

За татковината и против неа

Кон претставата „ Кориолан “ од Вилијам Шекспир, адаптација и режија – Џон Блондел , во изведба на Народниот театар од Битола, премиера на 1 5 . 7 . 202 6 година , во рамките на „Охридско лето“ Само осумдесет минути. Црвен квадрат. Неколку метални столчиња. Сведено на стих. На суштината. Така може да се резимира претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир на Битолскиот театар, во адаптација и режија на Џон Блондел, која беше премиерно изведена во рамките на програмата на „Охридско лето“. Американскиот режисер не ја гради оваа доцна трагедија на Шекспир како политички спектакл во стереотипен балкански контекст (како што несреќно направи Ралф Фајнс со филмската верзија од 2011 година). Уште помалку, пак, сака музејск и да ги реконстру ира политичките хирови на древниот Рим. Нема локализаци и, п репознатливи домашни политичари , директни глобални паралели. Овој „Кориолан“ не е критика на класен судир меѓу богатата елита и изгладнетите плебејци во ерата на глобалниот капитализам (иако ...