Кон претставата „Гидионовиот јазол“ од Џона
Адамс, режија Драгана Милошевска-Попова, во изведба на Драмски театар од
Скопје, гледана на 31. 5. 2025 година, трае 85 минути, без пауза.
Додека се влегува на малата сцена, низ
фоајето и една помошна просторија на театарот, деца џагорат како во училиште.
На сцена веќе е наставничката, која вознемирено се подготвува да замине додека
разменува пораки на мобилниот телефон. На вратата од нејзината училница
тропнува мајката на ученикот Гидион. Започнува тежок разговор, кој разоткрива
јазлеста приказна за булинг, гнил образовен систем и семејна отуѓеност,
кои довеле до самоубиство на петтоодделенецот. Децата се појавуваат уште
двапати во претставата: во првиот дел, играјќи си на школски одмор, и на
самиот крај, пеејќи рефрен за невиноста и вината. Двете жени,
наставничката и мајката, имаат трауматично соочување што лавира околу истото
прашање - кој е виновен?
Ана Митиќ од самиот почеток игра во грч,
често отсечно, со повторливи движења, со стегнато лице што прикрива длабока
вознемиреност. Таквата импостација не се менува. Исклучок е скриениот плач в
пазуви, при крајот. Нејзината Хедер е стереотипна американска наставничка,
хиперкоректна по гест и говор, наместена и вештачки воздржана за да се заштити од
обвинение дека е виновна за несреќата.
Билјана Драгиќевиќ Пројковска ја игра
мајката без емоционални изливи, сосема контролирано, по малку и цинично.
Траумата поради загубата на синот кај неа е скриена длабоко внатре. Игра лик на
универзитетска професорка по книжевност, која вината ја наоѓа во
непросветеноста на наставниците и во крутиот систем што ги убива оние што не
сакаат да се вкалапат. Интелектуално супериорна, Корин на Билјана
Драгиќевиќ Пројковска тешко признава дека била лоша мајка. Играјќи со беспрекорна
доследност, Билјана Драгиќевиќ Пројковска остварува длабоко осмислена улога.
Тензијата во претставата расте, главно,
вербално, со текстот. Режијата на Драгана Милошевска Попова нема силни
мизансценски решенија. Сценографијата е без авторски потпис: реалистично
доловена училница, излишно илустративна со клупи, ѕидни весници и постери,
шкафче, книги, регистри... Ученичките проекти - скулптури со јазол и нож - остануваат
бледи симболи.
Мачнината во оваа претстава се гради без
крупни потези. Во публиката некој, сепак, плаче.
Иван Додовски, 1. 6. 2025
Фото: ДТС 2025
Comments
Post a Comment