Кон
претставата „Амадеус“ од Питер Шафер, режија Александар
Поповски, во изведба на Словенско народно гледалишче од Марибор, гостување во
МНТ - Скопје на 1.4.2026 година, трае 130 минути, со пауза.
По
речеси 26 години, Словенско народно гледалишче од Марибор гостуваше во МНТ во
Скопје со претставата „Амадеус“ од Питер Шафер, во режија на Александар
Поповски. По истоимениот филм на Милош Форман од 1984 година, не е едноставно
да се игра на сцена оваа псевдобиографска драма со комични елементи и трагично
финале. Предноста на театарот е во проксемиката: сѐ може да се доживее одблиску
и гледачот тукуречи да го допре отелотворениот драмски судир.
Сепак,
во режијата на Александар Поповски актерското присуство се открива со дистанца.
На почетокот Антонио Салиери се буди како костимирана сенка што ги повикува
мртвите во живот за да ја посведочат неговата приказна. Од сина маглина на
подземни светови, со несмасно, нагло светло тој влегува во светот што го
раскажува. Така, вклештена во наративна рамка, се раздиплува неговата завист
кон Амедеус Моцарт додека постепено се симнуваат огромните тенки бели платна
што ја покриваат сцената. Зад тие превези се наѕираат галерии во опера и царски
двор. Пресметката на просечноста со генијалноста може да почне.
Сепак, не. Првиот дел е статичен: една долга увертира во која, симпатично скокајќи преку параванот на партерните галерии, влегуваат и излегуваат царот и неговите помошници, разменувајќи досетки со дворскиот композитор Салиери и новодојденецот во Виена, будалестиот и детинест Моцарт. Речиси цел час се развлекува драмската исповед на стариот завидливец, кој генијалноста на младиот ривал ја доживува како знак за сопствената просечност и како суров Божји потсмев.
И
тогаш конечно - трас! На сцената паѓа еден клавир, се раскостува. На него
Амадеус, сепак, свири божествени ноти. Тука, всушност, почнува драмата.
Претставата добива нов тек и нужна режисерска пунктација, која полека градира
кон фасцинантно, мрачно финале. Преминот е јасен: Салиери ја турка кулисата
назад, пред оперските ложи се појавуваат гламјосани сценографски парчиња што
како подгорени столбови висат надолу и како
растопен гареж ја покриваат сцената (сценографија на Вања Магиќ). Еден голем
лустер полека се спушта до земја, се клати и се подига, осветлувајќи го
внатрешниот простор на Моцартовата творечка треска, болест и претсмртни
халуцинации.
Отсуство на живост во првиот дел во кој актерите играат со здржана карикатуралност во манир на куклен гест, се заменува со дозирана емоција. Во вториот дел има одлично промислени режисерски интервенции како, на пример, онаа кога нотите за танц одеднаш се прелеваат во куси модерни џез- или твист-импровизации на кои почнува да игра царската свита (кореографија Росана Хрибар). Микрофон се користи само за да го пренесе гласот на починатиот татко на Моцарт или внатрешниот глас на двата главни лика. Нема вулгарност, нема разорна смеа, само силни проблесоци на иронија. Конечната трагичност се постигнува со воздржаност и едноставност. Прецизната актерска игра на Алеш Валич како Салиери и на Жан Копривник како Моцарт особено доаѓа до израз во монолошките делови. Фокусот останува на нив, па женските ликови (иако фино толкувани од Јулија Клавжар како Констанца Вебер и Катарина Барбара Крмјак во улогата на Катерина Кавалиери) главно делуваат како тематски ролји.
Природно,
во претстава за Моцарт улога игра неговата музика. Овде таа оди и како снимка и
во живо (исполнува на клавир Софија Тичи, а со своите вештини изненадува и
носителот на насловната улога Жак Копривник). Костимите (Марита Ќопо) се
раскошни стилизирани модели што потсеќаат на Моцартовата доба, но низ
контрастни бои дискретно го дополнуваат и самиот драмски агон. Се игра со
нагласена перика и шминка, што е особено карактеристично за ликовите на царот
Јозеф Втори (одлична игра на Давор Херга) и неговите советници.
На крајот, реквиемски, сѐ се стишува во мрак, каде што се враќа сенката на Салиери, царот на медиокритетите.
Иван Додовски, 2. 4. 2026
Фото: СНГ Марибор 2026
Comments
Post a Comment