Кон претставата „Бог на колежот“ од Јасмина Реза, режија на Весна Петрушевска, во изведба на Македонски народен театар во Скопје, премиера гледана на 24. 12. 2024 година, трае 100 минути без пауза

Наградуваниот текст „Бог на колежот“ од француската авторка Јасмина Реза, во адаптација и режија на Весна Петрушевска (која со оваа постановка магистрира на отсекот режија на ФДУ во Скопје), е сценска замка. Под изговор на граѓанска драма со црнохуморни моменти, таа ја турка публиката кон апсурд и себепрепознавање. Две деца се степале, родителите се договараат да ја надминат непријатноста на цивилизиран начин. Но, средбата се измолкнува од стисокот на добрата намера и станува арена во која возрасните беспоштедно се пресметуваат, разоткривајќи ја својата лицемерност, крајна себичност, мимикрична суровост и длабока фрустација.
Сцената е запоседната од масивна, илустративна сценографија (на Татјана Христоска). Тоа е стан, хиперреалистично детализиран со хиперболична африканска маска и со огромни фотографии на слон, лав, јагуар и зебри обесени по ѕидовите. Две тешки широки софи, масички и табуретка и уште еден куп придружни парчиња мебел го „стегаат“ просторот за игра. Еден широк стакларник, пак, како заден ѕид се издига и се надвиснува над целата сцена, претворајќи ја во салон за мебел.
Претставата почнува со мали, растреперени детски раце, со дланки што се лепат на задното стакло. Сепак, тој мотив останува режисерски незаокружен. Десетина деца влетуваат на сцена за да илустрираат несмасна тепачка. Дури потоа почнува „колежот“ на возрасните и тој трае со тензија што успешно ја одржуваат двајца актери и две актерки. Сепак, децата ќе се појават и на самиот крај, кога, всушност, драмата е завршена и кога е измамен аплауз. Претставата добива второ, нејасно, долго и, овојпат, музичко финале во кое децата и актерите во хор ја пеат песната „Пепел и мрак“ од Игор Џамбазов.
Актерската поделба е најдоброто решение на режисерката. Ѓорѓи Јолевски брилира со својата прецизност, енергичност, способност за детаљ. Тој го игра Мајк, продавач на железарија, кој од мамин син и „папучар“ во бракот, се разоткрива како бездушен маж што пие за да ја удави својата површност. Комичното кај Ѓорѓи Јолевски е скротено, нема излишни, допадливи гестови, туку градација на акценти што ја доловуваат апсурдноста на драмската ситуација. Со искуство и сигурност (иако се враќа на театарската сцена по долги години) и Симеон Мони Дамевски го гради ликот на Ален, адвокат заинтересиран само за профит, зависник од мобилниот телефон, кој верува во „бог на колежот“, односно во дефиницијата дека човек на човека му е волк и дека никаква цивилизациска придобивка не може да го маскира или заузда егоистичниот порив. Овие двајца фрустрирани мажи, низ навредувања и извинувања, со налеан алкохол, ќе најдат меѓусебна сродност. Нивните сопруги не се помалку фрустрирани. Вероника на Наталија Теодосиева е себеумислена идеалистка што пишува книга за геноцидот во Дарфур, а, сепак, под превезот на културна издигнатост, ја крие својата жед за доминација и насилство врз другите. Дарја Ризова во улогата на Анет гради лик на несреќна жена, која отсуството на нежност и внимание од сопругот го пополнува со конзумеристички хирови и повремено повраќање. Актерите ги облекува костимографката Наталија Терзија, давајќи им со костимите точни, дискретни, дополнителни белези на ликовите.
„Бог на колежот“ е актерска претстава, која ги соголува претпоставките за насилството, бракот, родителството. Гледачот го остава повеќе сепнат одошто насмеан, со горчливо чувство на себепрепознавање.
Иван Додовски, 25.12.2024
Comments
Post a Comment